ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОПШТИНСКАТА НА СДСМ НА КИСЕЛА ВОДА И ПРИВАТЕН БИЗНИСМЕН - кој е Горан Штраус Трајковски, новиот директор на Пазарна
Фејсбук профилот на Горан Трајковски Штраус денеска беше преполн со честитки од социјалдемократи за неговото назначуивање за прв човек на Државниот пазарен инспекторат.
„Честитки другар, заслужено, само напред, многу успеси во иднина“, се дел од желбите за успешна работа кои му ги посакаа неговите сопартијци на новиот директор.
Вчера, пак, јавноста во земјава беше прилично изненадена кога Владата извести дека на својата седница ја разрешила досегашната директорка на Пазарната инспекција и за нов човек го именувала Горан Трајковски.
„На 109 - та седницата Владата ја разреши директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска. Владата го назначи Горан Трајковски за нов в.д директор на Државниот пазарен инспекторат. Новиот в.д директор Горан Трајковски е дипломиран економист и магистер по економски науки, а на позицијата в.д директор на Државниот пазарен инспекторат доаѓа од менаџерска позиција во приватниот сектор каде во своето повеќегодишно искуство остварува соработка со регионот и повеќе европски земји, обезбедувајќи нови пласмани и развој за матичната компанија. Неговата експертиза е во областа на сметководството и финансиите, со менаџерското искуство во раководење на компанија која има регионално присуство на пазарот“, напишаа од Владата.
Не сакаа ниту да кажат што згреши Симеска, ниту, пак, какви поголеми резултати конкретно се очекуваат од Трајковски.
Во јавноста дури едно време се помисли дека е назначен поранешниот директор на Агенцијата за заштита на лични податоци, како и поранешен директор на Еуростандард банка, со исто име, Горан Трајковски, но потоа се испостави дека станува збор за друга личност.
Ако се погледне профилот на новиот директор на Пазарна, Трајковски, ќе се види дека тој е млад човек кој е прилично активен и ревносен член на СДСМ, кој оди и по партиски трибини и партиски настани заедно со своите сопартијци.
Тој на ФБ пред нецели 24 часа, кога неговата партија настапила на трибина пред граѓаните на Кисела Вода, под мотото „Силно и одлучно кон иднината“, го пренел обраќањето на неговиот сопартиец Стефан Богоев за достигнувањата на СДСМ.
Всушност, сопартијците на Горан Трајковски велат дека тој е претседател на општинската организација на Кисела Вода, и има околу 35 до 36 години.
Потенцираат дека е добар кадар, а дел од изворите ни изјавија дека навистина се ирзадувале кога слушнале дека е назначен на позицијата директор на Пазарната инспекција.
Не знаеја конкретно да ни кажат каков е неговиот бизнис од приватниот сектор.
Фактор се обиде да стапи во контакт со Трајковски, но тој не беше достапен на својот мобилен телефон.
Инаку, изминатиот период имаше голем притисок од јавноста за намалување на цените во малопродажбата, особено по намалувањето на цените на горивата и добивањето на поевтина струја за прехранбените компании. Министерството за економија на чело со министерот Крешник Бектеши често знаеше суптилно одговорноста да ја префрли на пазарниот инспекторат и да каже дека од таму се очекуваат резултати во однос на тоа дали се намалени цените и профитните маржи, како и евентуални казнувања, кои барем досега ги немаше. Генерално, и на двете страни аргумент им беше тоа што маркетите се уште чуваат залихи по стари набавни цени.
„Фактор“ само на еден ден пред нејзиното разрешување разговараше со директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, за тоа дали Пазарната инспекција врши контроли за тоа зошто цените не се намалени согласно предвидувањата.
Директорката остана децидна на тоа дека инспекторите не можат да влијаат на цените кај трговците врз основа на поевтината струја, ниту да им даваат налог да ги сменат, ниту да ги казнуваат маркетите.
„Треба да сфатат и граѓаните, и новинарите, дека ние во тој дел не можеме да влијаеме и не можеме за таа работа да пишуваме казни“, го повтори Симеска својот став.
Н.Н.Ф.