Пресврт во Обвинителство - Нападот врз Села се води како обид за убиство
Основното јавно обвинителство – Скопје за прв пат донесе Наредба за спроведување на истражна постапка за кривично дело „убиство во обид“ за крвавите инциденти во Собранието на 27 април, додека пак сите досегашни постапки за нападите врз пратениците се водеа со правната квалификација учество во толпа што наиде на жестоки критики кај правната фела.
До овој момент, идентификувани се две лица инволвирани во нападот на пратеникот Села, соопшти Основното јавно обвинителство – Скопје.
„Од досега прибавените докази, Основното јавно обвинителство – Скопје оцени дека постои основано сомнение дека овие две лица, заедно со други лица, кои во овој момент се неидентификувани, го извршиле кривичното дело Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл. 22 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двете лица за наведеното кривично дело. Истовремено, по оценка на Јавното обвинителство, против осомничените неопходно е да биде изречена мерка за нивно обезбедување, поради што јавниот обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за одредување на мерка притвор, бидејќи постојат сите законски основи за тоа.
Воедно, заради целосно расчистување на овој кривично-правен настан од страна на јавното обвинителство издадени се наредби за итно постапување на Министерството за внатрешни работи заради обезбедување на релевантна документација и податоци“, се наведува во соопштението.
Инаку, скопјанецот Кире Ѓеоргиевски (37) и неговиот татко Цане (68) се уапсени во семејниот дом под сомнение дека заедно две други лица-насилници на 27 април по собраниските ходници, иако тешко повреден, го влечеа по под лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села.
