ПРЕНАТРУПАНОСТ, НЕДОВОЛНО ЗАТВОРСКА ПОЛИЦИЈА, МИНИМАЛНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА...Што се констатирала Ревизија во затворите ширум земјава?
Не се преземени доволно мерки и активности за подобрување на материјалните услови и сместувачките капацитети, а пренатрупаноста негативно се одразува врз условите за сместување, почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода, се вели во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија на затворите ширум државата.
Како што се вели во извештајот, поради недостиг на финансиски средства установите не можат да планираат активности, а планираните активности да ги реализираат и да ги подмират обврските од минати години.
„Утврдивме дека постои недоволен број на припадници на затворска полиција со цел осигурување на безбедна средина во установите, што придонесува за зголемени трошоци за прекувремена работа. Установите се соочуваат со зголемени судски трошоци и исплати по извршни решенија, како резултат на неисплатените средства за прекувремена работа и останати додатоци на плата. Исто така, утврдивме дека установите не располагаат со доволно безбедносна опрема, унифициран концепт за визуелно-електронско набљудување и одржување на видео надзорот“ наведуваат ревизорите.
Според извештајот, во установите не е обезбедена целосна здравствена заштита на лицата лишени од слобода заради недоволен медицински персонал, а отсуството на ажурирани податоци за задолжително здравствено осигурување доведува до неостварување на правото за здравствено осигурување на лицата кои се на издржување казна затвор и издржување на воспитна мерка во воспитно - поправен дом. Воспоставениот начин на третман и постпенална помош на осудените лица не обезбедува нивна ресоцијализација и социјална адаптација во општеството. Установите не се доволно кадровски екипирани со инструктори, кои би можеле да вршат стручно оспособување на осудените лица, а не располагаат ниту со доволен број на воспитувачи за спроведување на третмански мерки. Не е спроведуван образовен процес за осудените лица и децата во ВПД.
„Вон установите се ангажирани околу 8% од осудените лица, за кои не е обезбедена целосна контрола над работењето. Постои низок процент на искористеност на постпеналната помош, што е една од можните причини за рецидивизам во КПУ. Нецелосно воспоставените пробациски канцеларии, недостатокот на пробациски службеници и недоволно изрекување на пробациските мерки од страна на надлежните органи, влијае на неостварување на основната цел на пробацијата и намалувањето на затворската популација“, се вели во ревизијата.
Според објавениот документ, во периодот 2021-2024 година не е извршен редовен надзор над работењето на сите установи од страна на УИС, ниту се врши контролен надзор, што може да доведе до непостапување од страна на установите по дадените забелешки и рокови наведени во наредбата од редовниот надзор и нивно навремено отстранување.
