Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРЕНАСЕЛЕНОСТА И НЕДОВОЛЕН БРОЈ ВАКЦИНИРАНИ, ПРИЧИНА ЗА СЕКОЈА НОВА МУТАЦИЈА: Д-р Стојанов за ламбда варијантата

ПРЕНАСЕЛЕНОСТА И НЕДОВОЛЕН БРОЈ ВАКЦИНИРАНИ, ПРИЧИНА ЗА СЕКОЈА НОВА МУТАЦИЈА: Д-р Стојанов за ламбда варијантата

Научниците од областа на епидемиологијата и вирусологијата веќе ја проучуваат новата варијанта на корона вирусот C 37, или ламбда која се појави прв пат во Перу, и веќе е потврдена во 29 земји. СЗО веќе ја стави во категоријата „варијанта од интерес“, а експертите на Светската здравствена организација уште пред неколку дена алармираа дека оваа варијанта е лесно пренослива и се јавува истовремено во повеќе земји. Тие веќе го поставуваат прашањето дали светот е повторно пред нов предизвик, и дали ламбда варијантата ќе направи многу посериозен проблем и ќе го одложи справувањето со корона вирусот.

Еден од најпознатите епидемиолози во Македонија, д-р. Александар Стојанов во разговор за  Фактор вели дека вирусот секогаш ќе бара простор и начин како да преживее и онаму каде што има пренаселеност шансите да мутира се најголеми.

-Прво се појави бразилски сој, па британски сој, јужноафрикански, виетнамски, индиски сој...а сега и ламбда. Значи, секаде каде што има гужва, каде што има огромен број заразени, таму вирусот има најголеми можности да прави свои мутации. Такви се сите искуства и со мутациите на грипот на пример. Птичјиот грип исто така потекнуваше од Азија, каде што на квадратен метар живеат огромен број луѓе. Градовите во Азија се 20-милионски, прентрпаност на пазарите, затоа таму вирусот, и не само овој, има можност да создава мутанти, од кои некои се многу позаразни, а некои многу помалку од оригиналната варијанта, вели д-р Стојанов.

Она што е посебно важно, како што посочува еидемиологот Стојанов, е тоа дека сите мутанти на вирусот имаат основа, а за основата, пак, како што вели, постои вакцина.

-Вакцината во секој случај делува, кожеби нема толкава ефикасност како на првиот алфа или бета сој, но во ниту еден случај нема да дозволи оној што е вакциниран да добие тешка клиничка слика. Работата е што поголем број луѓе да извакцинираме. Кога би имале 70, 80 проценти извакцинирано население нема од што толку многу да се стравува, но проблемот може да настане ако го немаме потребниот процент, тогаш може само да претпоставуваме извесни сценарија што може да не снајде. До сега веќе требаше да имаме барем 50 отсто вакцинирано население. Мене многу ми е жал што немавме доволно вакцини во секој момент. Недозволиво е за време на продолжениот викенд, кога беше Духовден да не работат центрите за вакцинација, а во Србија да работат и да ги чекаат и Босанците и Македонците и сите од регионов, вели д-р Стојанов.

И покрај се уште недоволниот број вакцинирани граѓани, д-р Стојанов посебно го радува фактот што големата слика во Македонија укажува на навистина стабилна и мирна епидемиолошка состојба.

-Бројот на новозаразени е сведен на минимум, за среќа немаме ни смртни случаи и ова не се услови за да избувне епидемија како што беше случај со вториот бран, а потоа и третиот, сега пролеттва. Што значи дека се се сведува на вакцинација, вакцините ќе завршат голема работа и за совие нови соеви кои се јавуваат. Не е важно дали делта варијантата или еве сега оваа новата, ламбда се пренесуваат побрзо, поспоро, имаат потешка клиничка слика или полесна, вакцините секако делуваат. Тие ќе ја амортизираат ситуацијата, но вакцинацијата мора да има сериозен опфат. Ние за жал имаме досега само 20 проценти. Истовремено пак сме сведоци и на ситуации во земјите каде што има вакцини, како пример ќе ја земам Србија, таму може да бираат која ќе ја примат, но еве гледам младите, студентите не сакаат да се вакцинираат, а треба да се разбере дека поинаку не може да се заврши приказнава, вели д-р Стојанов.

Според епидемиологот Стојанов секоја од вакцините кои се даваат дефинитивно ќе го амортизира ударот од вирусот и тој нема да има простор ниту за ширење ниту за нови мутации. Смета дека дури и вакцината на Синовак која има само 51 процент ефикасност дава заштита од тешките форми на болеста.

-Најважно од се е да нема пациенти во болниците, да нема пациенти на кои им е потребно интензивно лекување од компликации на вирусот, а дефинитивно вакцините се тие кои ваквите состојби не ги дозволуваат, нагласува д-р Стојанов.

Анита Буховски

   


Слично

Поврзани вести