Премиерот Спасовски: Велигден да се прослави дома, мерките важат за сите, ама за сите!
Премиерот
Оливер Спасовски упати порака до граѓаните за празникот да се остане во
домовите.
-Да покажеме одговорност, да останеме дома, да не се собираме, групираме и строго да ги почитуваме заштитните мерки, посебно физичката дистанца од два метра, за да го спречиме ширењето на коронавирусот, се обрати до граѓаните премиерот Спасовски.
Вели дека пикот допрва доаѓа и дека како и целиот свет, и кај нас Велигден оваа година треба да се прослави во услови наметнати од пандемијата,
-Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви. А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот, рече Спасовски во видео-обраќањето. Нема простор за импровизации, ниту за пропусти. Физичката дистанца од два метра сите да ја разбереме како правило. Не е тешко. Отстапете два чекори од лицето до вас или побарајте другите да го направат тоа. Нема лутење, за здравјето се работи. За животот ваш, наш, мој, твој, за животот за сите граѓани се работи. Мерките важат за сите. Ама за сите. Не смее и нема да има привилегирани. Нема да отстапиме ни педа. Забраната за движење е забрана за сите. Забраната за групирање е забрана за сите, потенцира премиерот.
