Премиерот најавува стотици нови вработувања, се гради ТИРЗ „Струмица“
Почна изградбата на инфраструктура за деветтата Технолошко-индустриската развојна зона, овојпат во Струмица. Денеска, во присуство на премиерот Никола Груевски, кој беше во посета на струмичко, се стави камен темелник на новиот ТИРЗ кој ќе има површина од 25 хектари и ќе се гради во катастарската општина Свидовица.
Новата индустриста зона се наоѓа на 50 километри оддалеченост од граничниот премин „Богородица“ кон Грција и 23 километри од граничниот премин Ново Село со Бугарија. Како шти изјави премиерот, ваквата локација на потенцијалните инвеститори ќе им овозможи добра комуникација со соседите и со меѓународниот пазар.
„За изградбата на комплетната инфраструктура во зоната планираме да инвестираме околу 300 милиони денари со кои ќе се изгради сообраќајница, водоводна инсталација, атмосферска и фекална канализација, електроенергетска мрежа, телекомуникациска инфраструктура, како и улично осветлување“, истакна Груевски.
Исто така најави дека странски инвеститор во скоро време ќе дојде во Струмичко за да отвори лабораторија за производство на семенски материјал за цвеќиња и ќе вработи околу 300 луѓе.
Покрај ова, за време на посетата на струмичко, Груевски откри и дека две турски компании од областа на медицината ќе градат капацитети во ТИРЗ „Скопје 1“ – Бунарџик. Овие компании, според Груевски, ќе градат две фабрики и ќе вработат вкупно 600 луѓе.
„Се додека не добиеме согласност не можеме да им ги кажуваме имињата. Тоа е дел од деловната етика кога станува збор за инвестиции независно дали се странски или домашни“, рече премиерот кој најави големи странски инвестиции и во Струмица штом биде завршена инфраструктурата за новиот ТИРЗ.
Слично
