Премиерот, министрите и директорите в сабота ќе следат дали чистат административците
Дамјан Манчевски, министерот за администрација и информатичко општество, изјави дека функционерите в сабота ќе ги следат вработените од јавниот сектор дали чистат на самото место.
Администрацијата в сабота ќе го собира сметот на повеќе локации во организација на големата еколошка акција "Администрацијата чисти со Не биди ѓубре", а за возврат вработените од државните институции нема да го обработуваат 2 јануари 2019, денот по новогодишниот празник.
„За успешно спроведување на акцијата, на секоја од локациите одговорни ќе бидат самите раководители, односно премиерот, министрите, градоначалниците и директорите. Дополнително, секаде каде што е потребно, обезбеденае е и соодветна механизација од претпријатијата на Градот Скопје. До локациите каде што е потребен превоз, истиот е обезбеден од ЈСП“, вели денеска Мначевски.
Акцијата ќе се спроведува на 14-ти декември, со почеток од 12.00 часот. Станува збор за вкупен број од 40.000 луѓе кои ќе чистат на 20 локации во градот. Меѓу локациите кои заедно со граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“ се одбрани за чистење се кејот на реката Вардар, Јужен булевар, езерото Треска, аквадуктот, Кале, Музејот на современа уметноста, касарната Илинден, СЦ „Борис Трајковски“, просторот кај Младинскиот културен центар, Јужен булевар и други.
„Основната цел на оваа акција, покрај чистењето на градот, е подигнувањето на јавната свест за животната средина која е заедничка на сите нас, и само со заедничка вклученост можеме да ја зачуваме. Очекуваме дека откако сите ние заедно ќе наполниме стотици ќеси ѓубре, ќе размислиме два пати следниот ден, пред да го фрлиме ѓубрето повторно. Овие локации мораме да се погрижиме заедно, да останат чисти и после сабота“, порача Манчевски.
