Премиерот Груевски во кавадаречко – сечеше ленти, пушташе локални патишта
Два патни правци и еден водовод пушти во употреба премиерот Никола Груевски за време на неговата денешна посета во Кавадарци. Станува збор за локалниот пат од Кавадарци до населеното место Ресава, долг околу 6 километри. Пуштен беше и регионалниот пат Кавадарци – Мушов Гроб во должина од 16,3 километри , како и водоснабдителен систем Кавадарци-Росоман за чија инвестиција пак се потрошени 2,3 милиони евра од кои најголемиот дел од Буџетот.
„Со денешниот настан се одбележува затворањето на едно децениско прашање кој го мачеше овој регион на државата. Знаејќи го значењето и приоритетот на решавање на овој проблем како Влада вложивме напори да изнајдеме средства со кои се изгради новиот водоснабдителен систем“, рече Груевски.
Во однос на локалниот пат до село Ресава, каде се сечеше и црвана лента, Груевски посочи дека се инвестирани околу 32 милиони денари.
„Со овие средства се изврши проширување и комплетна реконструкција на патот кој во изминатот период беше во исклучително лоша состојба со многу оштетувања, дупки и нерамнини“, рече премиерот Груевски обраќајќи се на отворањето на патот кој нагласи дека станува збор за еден од најфреквентните патишта во регионот на Кавадарци, важен за населените места Ресава, Бегниште и Дабниште, но и за викенд населба на Тиквешкото Езеро.
Сепак, како што појасни телевизијата Телма, патот од 6 километри кој денеска се пушташе во употреба, веќе цела година го користат и жителите на околните села и сопствениците на викендички на Тиквешко Eзеро.
За идната година надлежните најавија дека во кавадаречкиот регион ќе се завршат уште два локални патни правци со вкупна должина од 10,47 километри, а инвестицијата чини 84 милиони денари . Станува збор за вториот дел од Ладно Долче-Страгово-Крњево со должина од 6 километри и локалниот пат од Ресава до Бегниште со должина од 4,4 километри.
Слично
