Економија, финансии, бизнис

Контакт

Преку телефон разрешена директорката на „Лајка“ – Анима Мунди обвинува за политичка одлука

Преку телефон разрешена директорката на „Лајка“ – Анима Мунди обвинува за политичка одлука

Град Скопје донел одлука за разрешување на директорката на ЈП „Лајка“, Радмила Пешева, што предизвика бурни реакции во јавноста и кај активистите за заштита на животните.

Од Анима Мунди информираат дека одлуката ѝ била соопштена преку телефонски повик, без претходен состанок, образложение или институционална процедура.

-Начинот на кој се носат ваквите одлуки зборува повеќе од самата одлука – реагираат од организацијата.

Според нив, во изминатиот период биле доставени бројни предлози, стратегии и планови за унапредување на работата на претпријатието, но тие биле игнорирани.

Активистите оценуваат дека ЈП „Лајка“ во изминатиот период изградила модел на функционирање базиран на хуманост, професионалност и соработка со повеќе од сто чинители – институции, ветеринари, граѓански организации и меѓународни партнери.

-Тргањето на активисти од управување со институција која испорачува резултати не е административен потег, туку вредносна позиција и јасна порака за насоката во која ќе се води институцијата – велат од Анима Мунди.

Тие упатија директна порака и до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, обвинувајќи дека одлуката е спротивна на претходните најави за хуманост и соработка.

-Не може да се зборува за систем ако се отстрануваат луѓето кои го граделе – се наведува во реакцијата.

Од организацијата бараат итно повлекување на одлуката, нагласувајќи дека нивната борба за хумано решавање на проблемот со бездомните животни ќе продолжи.

-Од Лајка нема да се повлечеме никогаш – порачаа од Анима Мунди.


Слично

Поврзани вести