Преку српска фирма бесплатно отстранети опасни експлозиви од скопско
Големата количина опасни и експлозивни предмети лоцирани меѓу населените места Ново Село и Волково, скопско, што неколку години беше едно од најголемите загадувачки
жаришта и опасност за животната средина, безбедноста и за здравјето
на граѓаните, е отстранета од територијата на нашата држава, соопшто владината прес служба.
За отстранување на неколкуте тони застарено ракетно гориво за градобијни рекети и друг експлозивен материјал, имот на поранешната компанија АД „Теас-Темко“, кои со години лежеа во стоваришен простор во населено место, првично беа побарани 850.000 евра, велат од Владата.
„Но, наместо трошок за граѓаните на нашата земја, Владата организираше постапка за продажба и чистење на теренот, согласно процедурите за управување и транспортирање на опасни материи, без ниту денар надомест за компанијата што ја спроведе постапката. Постапката за повик и избор на понуда за оваа акција ја спроведе Генералниот секретаријат, постапувајќи согласно заклучокот на Владата донесен на 118 седница, при што ја прифати понудата на компанијата ‚Трајал' од Република Србија“, пишуваат од Владата.
Во планирањето и спроведувањето на оваа постапка, Владата на Република Северна Македонија првенствено се раководеше од грижата за здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина.
