Преку „Отворен кабинет“ закажи средба со министерот Алиу, првите 15 термини веќе се зафатени
Министерот за здравство Азир Алиу објави дека преку платформата „Отворен кабинет“ секој граѓанин ќе може да закаже директна средба со него во петоците и да му ги пренесе своите проблеми.
- Вистинската реформа почнува тогаш кога институцијата престанува да зборува сама со себе – и почнува да го слуша народот со отворен ум и јасна намера за промена. Затоа, денес не претставуваме само нова веб-страница, туку создаваме институција што слуша и реагира. Преку алатката „Отворен кабинет“, секој граѓанин може директно да закаже средба со мене, секој петок, без бариери и без бирократија. Лице в лице, човечки разговор – со почит, одговорност и подготвеност за конкретни решенија, објави министерот.
Алиу додава дека првите 15 термини веќе се резервирани и вети дека ќе ја почитува оваа алатка со тоа што секој петок ќе биде присутен на закажаните средби.
- Ова е доказ дека граѓаните имаат што да кажат, и конечно имаат каде да бидат слушнати. Јас сум тука да ги слушнам. Оваа иницијатива не е само услуга. Таа е став. Став дека здравството не смее да биде затворен систем, туку жив организам што комуницира, систем што вклучува и реагира навреме, додаде тој.
