Преку новата ИПАРД програма со 15 милиони евра ќе се финансираат руралните средини
Преку новата ИПАРД програма со 15 милиони евра ќе се финансираат туризмот, занаетчиството, алтернативното зејоделство, угостителството, и други проекти во руралните средини, со што ќе се отворат нови работни места, рече денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Во новата ИПАРД програма предвидено е и финансирање на фризерски салони, игротеки, градинки со цел подобрување на квалитетот за живот во руралните средини, а ќе бидат кофинансирани 50 проценти од вложените средства.
„За стекнување на правото за користење на овие средства потребно е поднесување на барање до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, со образложение за проектот, субјектот кој аплицира да нема долг кон државата, како и доказ за сопственост или за закупнина на земјиштето каде што ќе се реалзиира проектот“, појасни Ѓорѓиев.
Оваа година е направен уште еден исчекор, рече Ѓорѓиев, претходно проектите што беа поддржани од државата преку кофинансирање беше од 5.000 до 200.000 евра, годинава долниот праг е симнат на 3.000 евра, а горниот зголемен на 450.000 евра.
„Исклучок се туристичките капацитети каде е дозволено финансирање проекти во износ до 750.000 евра, што го покажува посебниот акцент на можностите што се даваат во туристичката дејност“, додаде владиниот портпарол.
Огласот треба да биде објавен следнава недела од страна на Агенцијата за финансирање на земјоделскиот и руралниот развој и ќе трае 45 дена.
За подетални информации од утре граѓаните може да се обратат во Агенцијата, каде ќе биде отворен бесплатен телефонски број 0800 12 12 1.
