ПРЕКУ НОЌ ОТСТРАНЕТИ: Центар ги демонтираше нелегалните тезги на влезот во Старата скопска чаршија
Отстранети се бесправно поставените објекти на влезот во Стара скопска чаршија, со што е расчистен еден од најфреквентните делови во овој историски простор.
Во текот на претходната ноќта биле демонтирани нелегално поставените тезги на кои се продавале бижутерија и сувенири, по претходен вонреден инспекциски надзор и донесено решение од Општина Центар.
По наложената мерка, лицата самостојно ги отстраниле објектите.
Со акцијата е ослободен просторот на еден од најпрометните влезови во чаршијата, кој подолг период бил узурпиран со импровизирани штандови што го нарушувале изгледот и го отежнувале движењето на пешаците.
Од Општина Центар информираат дека ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се зачува јавниот ред, урбаниот изглед и безбедноста на граѓаните.
