Преговори за МПЦ има една година, тврди Коѕијас
Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас тврди дека преговорите меѓу МПЦ и Вселенската патријаршија траат веќе една година.
Коѕијас во интервју за грчка телевизија, објаснува дека подолго време се разговара за признавање на Македонската православна црква под името Охридска архиепископија и дека Грчката црква не треба да се меша во тоа прашање.
Тој објаснува и дека, Грчката православна црква знаела дека се во тек преговори уште кога ги поддржа протестите на почетокот на годинава, велејќи дека требало да го почитуваат тоа и да не се мешаат. Додава и дека, би требало да им се даде награда на луѓето од Скопје за размислувањето и за храброста, одново да се вратат на традиционалното и непровокативно име, Охридска архиепископија.
Грчкиот премиер Ципрас вчера се сретна со патријархот Вартоломеј и ги поздрави напорите за решавање на статусот на МПЦ. Вселенскиот патријарх, изјави дека тоа прашање е во рамки на канонските обврски на Патријаршијата, да ги отстранува расколите каде штo постојат. Тој се сретна и со грчкиот претседател и со архиепископот на ГПЦ, Јеронимос.
