Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Предводниците на загрозувањето на уставниот поредок добија амнестија, послушници окапуваат по затворите“: професор Дескоски за 27 Април

„Предводниците на загрозувањето на уставниот поредок добија амнестија, послушници окапуваат по затворите“: професор Дескоски за 27 Април

- 27 АПРИЛ, ДЕН НА НАЦИОНАЛНА ТРАУМА! Ден што буди болни спомени на еден грд настан, кој за влакно можеше да прерасне во крвопролевање. Крвопролевање заради спречување на трансферот на власта согласно уставните норми. Но, за мене 27 април е и ден на голема лична траума, во која беше загрозен животот на мојата сопруга. Срцето ми застана во моментот кога беше прекинат преносот на Душица Мрѓа од Собранието. Гасењето на камерите кобно претскажуваше дека ќе настапи крваво насилство. Од една страна неописив страв, од друга страна немоќ да се стори било што.

Ова го напиша професорот Тони Дескоски на неговиот профил на Фејсбук, а како повод за неговото емотивно и критично обраќање е секако упадот во Собранието на Македонија. 

Дескоски секако емотивно го памети овој ден бидејќи во Собранието присуствуваше и неговата сопруга Рената Дескоска, која подоцна стана и министерка за правда, но неговиот осврт става голем акцент на случувањата по упадот и „амнестијата“ за предводниците. 

- И најгнасното: на провладините телевизии го гледам ликот на една Колешка од Факултетот како пред Собраниската зграда во директен пренос егзалтирано констатира дека Народот ја зел власта во свои раце. Се случил Народ?!!!! А на само неколку стотини метри од поприштето на обидот за државен удар, професорите и студентите на нашиот Факултет слават апсолвентска вечер. Фрчат селфи-ја на Фејсбук од Колегите Професори кои слават уште една успешно образувана генерација студенти.

За голема среќа, со помош на разумни луѓе (меѓу кои посебно вреди да се спомене Влатко Ѓорчев) избегнато беше случувањето на трагично насилство и спречен беше обидот за насилно опструирање на трансферот на власта.

27 април е ден впишан со црни букви во нашата историја. За жал, катарзата која ја донесе тој ден беше краткотрајна. Истите оние кои беа мета на 27 април, само една година подоцна го ставија својот потпис на Преспа, а потоа со најгнасни уцени и со злоупотреба на механизмите на кривичниот прогон, успеаја да „убедат“ неколку пратеници да кренат рака за промена на името на државата и нацијата. Ветуваа облигаторен, спроведоа консултативен рефрендум (иако според Уставот Собранието може да распише само референдум чии резултати се задолжителни), та кога и тој беше неуспешен продолжија со својата намера до крај, „до балчак“. А имаа таква прекрасна можност да кренат рачна кочница по неуспешниот референдум. Промашената амнестија не вреди ни да се споменува. Предводниците на загрозувањето на уставниот поредок си добија амнестија, а нивните наивни послушници останаа да окапуваат по затворите. И тоа се уште трае - посочи Дескоски. 

Потоа професорот потенцираше дека „а својот „грев“ беа жестоко казнети од Македонскиот народ, прво на претседателските избори во 2020 година кога го изгубија мнозинството меѓу Македонците, потоа на локалните избори 2021 година, кога буквално беа збришани и на крајот, на претседателските и парламентарните избори годинава. Македонското ткиво се расцепи и се чини дека тоа е непоправливо“.

Тој додава дека времето не може да се врати назад и некои грешки, како промената на името, не можеме да ги исправиме, зашто ќе се соочиме со гневот на многумина од моќните играчи на меѓународната сцена кои и гарантираа на Грција дека ќе се достоиме на дадениот збор.

- Сепак, постои еден начин да се постигне помирување меѓу нас Македонците. Патот то помирувањето е тежок, но и едноставен. Се состои во два чекори: првиот, извинување од оние кои и покрај неуспешниот референдум насила го сменија Уставот и да побараат опрост од Македонскиот народ. Вториот симултан чекор е: оние кои пробаа да го спречат трансферот на власта преку насилство на 27 април да се извинат за својата грешка и да побараат опрост. Ова би можело да се изведе преку донесување на Декларација за помирување во Собранието, во која едногласно ќе се осуди обидот за насилно спречување на трансферот на власта на 27 април 2017, а потоа и спроведената промена на Уставот и покрај неуспешноста на референдумот. Без наведување на виновниците (иако тие оод Месечината ќе се препознаат). Би била полезна и една амнестија за оние кои се уште издржуваат казни за настаните од 27 април.

Со ваквиот чекор, нашата држава можеби ќе успее да ги репарира темелите кои се сериозно напукнати. Потоа, ние помирените Македонци кои го чиниме мнозинското население во Северна Македонија, заедно со сите други граѓани ќе можеме да се фатиме во костец со сериозните задачи кои ни стојат на патот кон зачленувањето во ЕУ.

Се разбира, може и ништо од ова да не се случи и да си продолжиме како досега! Изборот е наш! - укажа Дескоски. 

Еве го неговото излагање: 


Фото: Принтскрин/Фејсбук

Слично

Поврзани вести