„Со амандманска интервенција практично ќе имаме можност веќе следната недела да интервенираме во самата постапка и законот верувам дека за кратко време со оглед на тоа што е донесен да биде по скратена постапка, дека ќе се реализира. Се изнуди таква ситуација да мора да се интервенира во законот поради тоа што дел од уредбите, препораките за носење на заштитна опрема во надворешна средина се ставени во Уредбата со законска сила којашто беше изгласана и донесена на крајот на вонредната состојба“, рече Филипче.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изминатиот викленд рече дека не знае ништо за овие законски измени и дека тие како партија не биле консултирани, но „ако треба ќе дадат поддршка за носење заштитна маска на отворено“.
Денеска до Владата ќе бидат доставени и други заштитни мерки од Комисијата за заразни болести, како што е ограничување на работното време до 23 часот на сите услужни дејности, преполовување на капацитетот на јавниот превоз, како и забрана за настани.
