„ПРЕДИЗБОРЕН ФОЛКЛОР“: Еве што велат Мицкоски и Ковачевски за најавата „Самоопределување“ на Курти да учествува на изборите
По вчерашната објава на коалицијата „Европски сојуз за промени“ дека се здружуваат со политичката партија од Косово „Самоппределување“, и дека на нивната листа за пратеници на претстојните парламентарни избори ќе има и претставници од движењето Самоопределување од Косово, денеска има бурни реакции во јавноста.
Запрашан како гледа на оваа тема лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Микцоски, посочи дека според него најавата за вклучување на членови на косовско Самоопределување во изборните листи е еден вид предизборен фолклор.
- Тоа е, претпоставувам, дел од тој фолклор што следи во предизборниот период. Тоа е одлука на тие што го направиле изборот. Претпоставувам, за да бидат дел од листите треба да се македонски државјани, да исполнуваат законски норми - подвлече Мицкоски.
Запрашан за коментар околу тоа дека албанската опозиција е децидна дека ќе коалицира со победникот со македонскиот блок и нема да има отстапки околу уставните измени, тој нагласи дека секој си има свои приоритети.
- Наш приоритет е Македонија да се развива, да понудиме проекти што ќе ја трансформираат Македонија. Да почекаме да завршат изборите, ќе биде појасно. Нормално е како коалициони партнери во иднина, оние кои сакаат да бидат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, да седнеме и да разговараме за планот, визијата и стратегијата како ќе ја развиваме Македонија. Врз основа на тие разговори ќе има програма на идната Влада. Наш приоритет е Македонија да излезе од ова сивило во кое е овие шест години. Наш приоритет е да не ни се случуваат Онкологија, партизирано обвинителство и судство, да се напушти системот на хибриден режим, децата да имаат книги и прибор на почеток на училишна година, пензионерите да не протестираат заради незадоволство од пензиите, земјоделците навремено да ги добиваат субвенциите и да им биде платен трудот. Наш приоритет е подобрата иднина - нагласи тој.
Денеска на оваа тема се оглси и Премиерот Димитар Ковачевски, кој за најавите дека партијата на Албин Курти ќе учествува на парламентарните избори во Македонија во 2024 година слушнал вчера, но посочи дека оваа најава треба „дополнително да се дообјасни“.
- Вчера видов и јас дека партија од соседството ќе учествувала тука. Треба да се види законот за политички партии, законот за избори. Нормално дека сестрински партии можат да се подджуваат меѓусебе, како ние социјалдемократските партии од соседството и регионот. Меѓутоа моделот за кој зборуваат навистина не можеше да биде јасно препознаен во некоја изјава која беше дадена и затоа треба да биде дообјасено. Бидејќи ако почнат партии од соседството да учествуваат на избори овде тогаш може да замислите што ќе биде ако дојде и од другите соседни држави да учествуваат на избори овде - изјави Ковачевски.
