Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРЕД ПРАЗНИЦИТЕ ЌЕ ПРИСТИГНАТ И ЛЕКОВИТЕ ЗА ОНКОЛОШКИТЕ ПАЦИЕНТИ - Клековски вели доцни поради промени во системот за јавни набавки

ПРЕД ПРАЗНИЦИТЕ ЌЕ ПРИСТИГНАТ И ЛЕКОВИТЕ ЗА ОНКОЛОШКИТЕ ПАЦИЕНТИ - Клековски вели доцни поради промени во системот за јавни набавки

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски вели дека недостигот на дел од терапијата за онколошките пациенти е поради промени во системот за јавни набавки, но најавува дека пред велигденските празници сите лекови ќе бидат достапни во стабилни количини.

- Во моментот се реализира јавната годишна набавка, таа е отворена минатиот петок, заради технички проблеми во Бирото за јавни набавки односно  промена на системот се доцнеше. Тендерот е отворен, очекуваме контрола од Бирото за јавни набавки и пред велигденските празици сите лекови да бидат достапни во стабилни количини за наредните 12 месеци - рече денеска Клековски, во одговор на на новинарско прашање зошто од 12 март недостига дел од терапијата за онколошките пациенти.

Клековски учествуваше на панел-дискусија за зголемување на капитациониот бод во примарната здравствена заштита, што ги опфаќа матичните лекари од областа на општата медицина, гинекологијата и општата стоматологија.

Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија исто така се огласија денеска, по веста дека е уапсен вработен поради сомнеж за злоупотреба на податици и соопштија дека во целост ја поддржува работата на надлежните институции и дека ги обезбедиле сите потребни информации за спроведување на истрагата во врска со објавата на државното Јавно обвинителство за започнување истрага поврзана со измами со т.н. „брзи кредити“ и за поведување кривична постапка против едно службено лице во ФЗОМ.

- Кривичните дела кои се предмет на постапката – Фалсификување исправа (член 378), Злоупотреба на лични податоци (член 149) и Компјутерска измама (член 251-б) од Кривичниот законик – се сериозни прекршувања на законот и претставуваат загрозување на довербата во јавните институции. Фондот за здравствено осигурување ја изразува својата решителна заложба за нулта толеранција кон какви било облици на криминално однесување, вклучително и во сопствените редови, соопшти Фондот. 

Информира и дека веќе има преземено „серија мерки за зголемување на безбедносните стандарди, со посебен фокус на заштитата на личните податоци и унапредување на ИТ-безбедноста.

- Сигурноста на граѓаните и нивните податоци останува врвен приоритет. Овој изолиран случај нема да влијае врз угледот и професионалноста на институцијата. Напротив, решителноста да се расчисти со ваквите појави претставува доказ за нашата посветеност на транспарентност, интегритет и професионална етика. Фондот за здравствено осигурување и понатаму ќе соработува целосно со органите на прогон и ги поддржува напорите за целосно разоткривање и санкционирање на сите лица вклучени во овие противправни дејствија, се наведува во соопштението од ФЗОМ. 

Слично

Поврзани вести