Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пред пандемијата имаа по 10.000 посетители, а денес кратовските кули скоро и да немаат гости

Пред пандемијата имаа по 10.000 посетители, а денес кратовските кули скоро и да немаат гости

Пред пандемијата на коронавирусот, кратовските кули можеа да се пофалат со добра посетеност, нешто што денес го нема. Освен гости од соседството, нив ги посетуваа и туристи од далечни земји.

Сега бројот на посети е драстично намален, а кулите ги посетуваат претежно домашните туристи.

„Кулите во Кратово пред пандемијата имаа околу 10.000 посетители годишно. Најпосетувана од кулите е Саат кулата. Странски посетители имаше од целиот свет, како од Балканот така и од Европа, Кина, Јапонија, Америка итн. Посетеноста за време на пандемијата е многу намалена, а странски посетители нема. Има шест кули, а во три од нив има историски изложби. Најпозната и најпосетувана е Саат кулата во која има постојана изложба Кратово од најстарите времиња до денес, преку која посетителите се информираат за минатото на Кратово“, вели Илија Митевски, директор на Музеј на град Кратово.

Стевче Доневски, градски хроничар и сопственик на хостелот Шанчева куќа, вели дека сега имаат само 5 отсто од посетите кои ги имале пред пандемијата. Смета дека дури по две до три години туризмот ќе се врати на старите патеки. Раскажува дека имал гости од Америка, Германија, Италија, Јапонија, Колумбија, и многу други земји за кои никогаш не ни помислил дека нивни жители ќе пројават интерес да го посетат Кратово. Доневски вели дека многу од туристите го именувале Кратово како еден од најинтересите градови кои ги посетиле. Раскажува дека еден турист кој доаѓа од подалеку, на Балканот, сака да ги посети Дубровник, Котор и Кратово.

„Луѓето доаѓаат да го видат градот на кули, мостови, а имаме и борови и костени, при што за костените кои се засадени во паркот се знае дека се стари 660 години. Од пет костени останати се два. Тука поминал последниот караван за Истанбул, со 37 коњи кој носел олово на 27 септември 1937 година. Во Кратово се ковани 70.000 дукати за во Дубровник. Луѓето кои ќе дојдат сакаат да ја чујат изреката дека „Кратово е крајот на светот“. Тоа го кажал германски војник кој дошол на 6 април 1941 година со трицикл на Радин мост, и рекол „Ова е крајот на светот, гледам само карпи и небо“.  Кратово има и интересна гастрономија, квалитетно сирење, тука е и пастрмајлијата. Во минатото тука живееле христијани, католици, муслимани, затоа што Кратово е рударски град. Кулите се од времето пред Османлиите, или се градени за време на Османлиите. Пред пандемијата имаше многу гости, екскурзии, и за да се вратиме во нормала ќе чекаме до 2025 година, затоа што со оваа 2021 година е готово, а исто и со следната година“, рече Доневски.

Тој од 2010 година прима туристи во својот хостел, но сега вели дека опстанокот на оние објекти кои се занимаваат со туризам е доведен под знак прашалник. Давачки има, а гости скоро и да нема.

Сања Атанасовска

foto Wikipedia

Слично

Поврзани вести