ПРЕД НАС Е „СЛОБОДЕН“ ВИКЕНД - ќе покажеме ли свест и одговорност
Во очекување на евентуални нови рестриктивни мерки од понеделник, овој викенд е редовен за граѓаните на земјава, односно нема никакви ограничувања во движењето или пак во работењето на локалите и рестораните, како и на другите економсмки оператори.
Но, бројот на заразени и натаму расте, па вчера беа регистрирани 438 новозаболени од коронавирусот.
Останува овој викенд граѓаните да покажат висок степен на одговорност и совесност, и дициплинирано да се однесуваат, односно да ги почитуваат мерките за заштита и да не се групираат, особено не на местата за излегување или на приватни забави.
А министерот за здравство Венко Филипче, вчера најави дека доколку има потреба, в понеделник до Владата ќе предложат дополнителни рестриктивни мерки, кои ќе се однесуваат на ограничување на капацитетот до 50 проценти во јавниот превоз, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори во 23 часот.
„Со овие мерки таргетираме места каде има групирање и влијаеме на повеќе места да се намали ризикот на трансмисија. Доколку продолжи овој тренд на зголемување на случаи овој пакет на мерки заедно со претходниот сериозно ќе ја редуцира можноста за трансмисија на вирусот“, рече Филипче.
Истовремено, претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски информираше дека ваквата епидемиолошка слика, со огромен број на новозаразени, од кои највисокиот процент е на возраст од 20 до 39 годиени е директна последица од неодамнешните журки, концерти, места каде има забави и каде никаде не се почитуваа мерките за заштита.
„Ако сами не си помогнеме, ниту уште 500 доктори, ниту уште 500 сестри, нема да можат да ни помогнат. Не по 200-300, туку можеме да имаме и до 1000 случаи на ден. Непочитувањето на тоа што го зборуваме од почетокот, носење маска, миење на рацете, држење на растојание од два метра, како и негрупирање ќе не одведе до огромен број на заболени и до преполнување на болничките капацитети. Дајте да се здружиме сите заедно да ја надминеме оваа ситуација“, порача Караџовски.
Инаку, првиот сет мерки, кој Комисијата за заразни болести го предложи минатата недела, ќе стапат во сила со изгласување на измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести во текот на следната недела во Собранието на пленарна седница. Мерките ќе бидат: задолжително носење маска и на отворено, забрана за групирање на повеќе од четири лица по 22.00 часот, и забрана на семејни собири, односно примање на повеќе од четири гости.
