ПРЕД ДА СЕ РАСПУШТИ СОБРАНИЕТО: Македонија побрза да го ратификува Договорот со НАТО
Парламентот денес ќе одржи седница на која единствена точка на дневниот ред е ратификација на Северноатлантскиот договор, поради распуштање на законодавниот дом во пресрет на изборите. На пленарната седница, која е закажана за во 15 часот, ќе се обрати и шефот на државата Стево Пендаровски.
Поради најавеното предизборно распуштање на парламентот кон крајот на оваа недела финалниот документ за пристапување во НАТО ќе биде ратификуван пред последната земја членка на Алијансата, Шпанија да го потврди Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО и ќе има одложено дејство.
Со предлогот на законот за ратификација на спогодбата, која владата во Скопје ја усвои на 28 декември во 2019, предвидува Спогодбата за пристапување во НАТО „да стапи на сила на денот на објавување во Служениот весник и да биде депонирана во Ваштингтон до денот кога Шпанија го ратификува Протоколот за стапување на Македонија во полноправното членство во таа алијанса“.
Идејата за предвремена или условна ратификација прва во јавноста ја изнесе опозицијата, повикувајќи се на искуството на Црна Гора, која документите неопходни за членство во НАТО ги ратификуваше во април 2017 додека Холандија и Шпанија дури следните месеци го ратифкуваа протоколот за членство на таа земја во Алијансата.
Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО е потпишан во седиштето на Алијансата во Брисел во февруари 2019 и досега го ратифкуваа 28 држави, додека Шпанија, по формирањето на владата веднаш го започна тој процес, но поради комплексноста нема да биде завршен пред да се распушти Собранието во Скопје.
Македонија постапката за приклучување во НАТО ја почна во втората половина на 2018, бидејќи повикот да стане членка на најмоќниот воено-политички сојуз на светот го доби на 12 јули таа година на самитот на Алијансата во Брисел.
