Пребеганиот функционер на ДУИ, Исмет Гури, пред два дена сам се пријави во полиција, а денес дојде на судење
Поранешниот заменик-директор на Управата за јавни приходи од редовите на ДУИ, Исмет Гури, осомничен за даночно затајување, мистериозно им избега на органите за прогон, но пред два дена сам се пријавил во полиција, а денес дојде и на судење.
Судењето се одложи за 4 октомври, откако на денешното рочиште не се појави еден од обвинетите.
Гури беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен кривичен суд Скопје , а на 29 август самиот се пријави во полиција и денеска за прв пат седна на обвинителната клупа.
Гури беше уапсен во јули минатата година заедно со 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од УЈП, под сомнение за злосторничко здружување и даночна измама. Против него беше распишана меѓународна потерница во јануари годинава откако не бил пронајден на адресата каде ја издржувал мерката куќен притвор.
Гури е обвинет дека помогнал во поврат на ДДВ преку фиктивни сметки од 840.000 евра, а со парите купил и деловен простор.
Останати обвинети во случајот се Игор Блажев, Филип Блажев, Зоран Трајановски, Пала Тасева, Дона Дамјановска Марковиќ, Илија Васков, Дани Несторовски, Јагода Митева, Бесник Адеми, Фитим Сулејмани, Фарух Гури и правните лица ПЗУ Ринолист и ДПТУ Екслузив Камен.
