Економија, финансии, бизнис

Контакт

Празникот Рождество Христово е денот во кој се исполни најголемата тајна

Празникот Рождество Христово е денот во кој се исполни најголемата тајна

Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.

По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:

Возљубени чеда во Господа, многубројни се тајните преку кои Бог се грижи за светот и човекот. Преку тие тајни созданието се облагодатува и воздигнува и е во единство со Бога. Нив Бог ги објавил и преку Црквата ги оставил заради спасение на човечкиот род. А најголема тајна во исто­ри­јата на светот и човекот е таа дека – Бог се јави во тело, дека Бог постана – Бого­човек.

Токму празникот Рождество Христово е денот во кој се исполни таа најголема тајна, ветена од Бога – денот без кој ќе беше невозможно спасе­нието на човечкиот род. Овој празник е денот на исполнетото време, на остварените пророштва и очекувања, празник – матица на сите празници. Без Рождеството немаше да го има Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни Божјото вочовечување. Затоа Божик е празник на небоземната радост – денот кога сите битија Го слават Бога и се радуваат на спасоносниот настан!

Тој е највеличествениот ден, денот на неповторливата радост за севкупното создание: анге­лите го објавија спасоносното рождество на Синот Божји и Му прине­соа славословие; не­бесата – со бол­скотот на ѕвездата Му се покло­ни на Царот над царевите, а земјата Му дари пештера; муд­реците од Исток и пастирите од Витлеем со радост Го просла­вија и Го даруваа Богомладенецот, а човечката при­рода Му ја дару­ва Пречистата Богородица – Неговата Мајка. Затоа, нашиот свети Климент, Охридскиот Чудотворец, така поучува: „Милостивиот Господ Бог наш…, Кој се облече во нашето тело сакајќи да го обожи со Своето Божество, денес се раѓа од чиста Дева и како дете се повива во пелени… и во јасли како сиромав човек се положува”.

Возљубени празникољупци, празникот на Христовото рождество е празник на богославењето, празник на мирот и на добрата волја. Тој е денот кога, според предвечната одлука, се родил Најкрот­киот и Нај­сми­рениот, денот во кој Бог му дарува мир на сиот свет. Тој е денот кога луѓето, кои во себе Го носат Христа Миротво­рецот, се придружуваат на светоангелската пес­на: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра вол­ја.


Слично

Поврзани вести