ПРАЗНИЦИТЕ СЕ БЛИЖАТ: Зошто нема еуфорија?
Иако се ближат Нова година и Божиќ, повеќето граѓани велат дека не чувствуваат еуфорија. Украсени се градовите, новогодишните елки се накитени во домовите, а најмладите се фотографираат со Дедо Мраз и се делат пакетчиња. Сепак, според граѓаните, возбудата по повод празниците не е на нивото на кое би требала да биде.
Според нив, проблем е тоа што се засегнати од високите трошоци за живот, цените кои постојано растат, стресови на работа, и тоа не им дозволува да се опуштат и да бидат еуфорични. Коментираат дека одамна не чувствуваат еуфорија и дека на Нова година гледаат како и на секој обичен ден. Многу граѓани и оваа година за празниците ќе останат дома.
„Како да бидеме весели? Сè е скапо. Кога бевме млади се радувавме за доаѓањето на Новата година“, вели Виолета М. граѓанка.
Граѓаните објаснуваат дека многу народ се исели, и се чувствува дека нема луѓе како порано. Нема толкава раздвиженост и се купува она што е неопходно. Нашите соговорници велат дека кога би имале можности, кога би заминале на некоја дестинација да се прошетаат, да одморат, да видат нешто ново, да здивнат од секојдневните обврски и рутина, во тој случај би биле поисполнети и еуфорични.
„Мене ми е сеедно. Не знам кога последен пат сум се радувала за доаѓањето на Нова година, но тоа беше одамна. Мене 31 декември ми е како и секој друг ден. Ќе си бидам дома. На 1 јануари ќе одморам, а на 2 веќе се враќам на работа затоа што од тоа зависам“, додава друга жена.
Оние кои продаваат гардероба, украси, подароци, велат дека може да биде и подобро.
„Нема ништо, каква еуфорија? Нема амбиент, нема волја, нема ништо, скапотија е, луѓето не можат да опстанат. Луѓето се презаситени. Треба прво од себе да си тргнеме и да видиме зошто е тоа така. Ќе дојдам на работа, ќе измрзнам, ништо нема да продадам, како ќе отворам, така ќе затворам и си одам. Тоа е жално. Луѓето гледаат најскромно со една вечера да ја одбележат Новата година“, додава Весна Ј. граѓанка.
Лилјана Полевска, социолог објаснува дека кај младите има еуфорија, но кај повозрасните не е така.
„Има промени за разлика од порано. Стандардот е паднат, основните продукти се поскапени. Над 3.000 денари е во рестораните за едно лице, а не е само тоа, треба и облека за таа вечер. Кај младите тоа нема да се осети, родителите ќе скратат од своите трошоци само за да им овозможат убаво да си поминат, да уживаат во најубавиот период од животот, во младоста, но сепак луѓето се оптоварени со егзистенцијални проблеми“, додава Полевска.
Инаку, психолози и финансиски експерти од регионот објаснуваа дека еуфоријата се јавува уште во ноември и дека има категорија на луѓе кои се спремни да потрошат повеќе пари од вообичаено, со што влегуваат во долгови. Прво ги зафаќа еуфорија, а потоа имаат проблеми со својата финансиска истрошеност. Нагласуваат дека луѓето треба да си ги планираат и евидентираат трошоците, затоа што и „ситниците чинат пари“.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
