Празниците поминаа, работниците си работеа, но дали добија празнични дневници?
Поминаа Велигден и 1 Мај, неработни денови, многу работници во приватниот сектор работеа, за што им следува празнична дневница, но повеќе од нив тврдат дека празнична дневница многу ретко се исплаќа и тоа само на добра волја на работодавците.
Луѓето кои со години работат во приватни фирми, велат дека се среќни кога ќе добијат празнична дневница, но тоа е реткост. Сметаат дека сепак газдите треба да ги почитуваат законите и да исплаќаат празнична дневница.
„Порано се плаќаше двојно за тој ден, во времето на Југославија, сега не плаќаат. Мене изминативе години не ми плаќале ништо плус за празник. Треба да се исплаќа и сега, така е правилно, сепак е празник, а Велигден човек треба да го помине во кругот на семејството, не на работа. Ако работи, барем да му се доплати“, вели Јасмина Димитријевиќ, вработена во приватен сектор.
И друга помлада жена вели дека ниту таа добила празнична дневница, ниту пак познава некого кој зема празнична дневница.
„Јас ниту сум добила дневница за празник, ниту некој од моите блиски зема повеќе пари ако работи на празник. Се сложувам дека треба да се исплатат повеќе пари за тој ден. Виновни се фирмите. Ништо не почитуваат“, рече Тамара Димитриевска, вработена во приватен сектор.
Од Државниот инспекторат за труд не соопштија бројка дали има казнети фирми за време на празниците и колку се на број.
„Работењето на празник не е казниво, само треба да се пријави. Работникот си добива дневница за тој ден, плус за одработените часови му се доплаќа 50%, ако се 8 часа работни, му се исплаќаат плус пари за тие часови“, вели Злате Стојановски, раководител на сектор за инспекциски надзор од областа на работните односи.
Законот предвидува дека за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и платата за поминати часови на работа, зголемена за 50 отсто.
Ако при контрола од страна на трудовиот инспекторат е утврдено дека ваква дневница не е исплатена тогаш следи казна за работодавачот која може да биде во висина од неколку илјади евра.
Сања Атанасовска