Празнично интервју со Орце Ѓорѓиевски: Велигден е потсетник дека доброто секогаш победува – празник на семејството, верата и хуманоста
Велигден, најголемиот христијански празник, не е само симбол на воскресението и победата на животот над смртта, туку и длабоко личен момент на преиспитување, надеж и враќање кон вистинските вредности. За градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски и неговото семејство, овој празник претставува време кога духовноста се спојува со семејната топлина, а традицијата добива ново значење преку секоја генерација.
Во интервјуто за Женски магазин, Ѓорѓиевски зборува за Велигден како за ден исполнет со светлина и вера, кога човекот повторно се поврзува со себе, со блиските и со заедницата. Тој го доживува како потсетник дека по секоја тешкотија доаѓа радост, дека љубовта е најсилната движечка сила и дека добрината секогаш го наоѓа својот пат.
Празничните денови, како што раскажува, се резервирани за семејството – за заеднички ручеци, топли разговори и моменти кои остануваат како највредни спомени. Во неговиот дом, традицијата се негува со посебна љубов, од раното будење за првото вапцано јајце, до радоста на најмладите кои со нетрпение го очекуваат кршењето со јајца.
Но, Велигден за него не е само празник на домот, туку и повик за хуманост. Неговата долгогодишна вклученост во хуманитарни активности и помошта за семејствата во потреба, особено во пресрет на големите празници, ја истакнуваат важноста на солидарноста и заедништвото.
Преку лични спомени, семејни вредности и општествена одговорност, Ѓорѓиевски ја открива суштината на Велигден – како празник кој не само што се слави, туку и се живее преку љубовта, добрината и вербата во подобро утре.
ЖМ: Што претставува за вас Велигден - овој голем празник, како вие го доживувате?
-Велигден, за нас христијаните, е најрадосниот ден во годината. Тоа е денот кога Бог ја победи смртта, кога светлината ја надвладеа темнината, кога животот ја однесе конечната победа, чувство, надеж и вера што се раѓаат одново во секој од нас. За мене, Велигден е потсетник дека секоја жртва има своја смисла, дека после секоја болка доаѓа радост и дека љубовта е најсилната сила што постои.
Тоа е време кога семејството се собира, кога срцата се отвораат, кога простувањето и добрината стануваат наш пат.
Го славиме животот, но не само како постоење, туку како вредност што треба да се чува, почитува и споделува.
Велигден нè учи да бидеме подобри луѓе, да подадеме рака таму каде што е најпотребно и да веруваме дека секое ново утро носи нова надеж.
Во таа светлина, Велигден за мене е вера дека доброто секогаш победува.

ЖМ: Како и каде ќе ги поминете Велигденските празници?
- Традиционално, за првиот ден Велигден ги посетуваме моите и родителите на мојата сопруга.
На вториот ден Велигден, мојот татко го прославува својот именден, па радоста е двојна и домот е исполнет со посебна топлина.
Тоа се моменти кога целото семејство се собира на едно место, кога трпезата е богата со љубов, разговори и искрена блискост.
Се потсетуваме на вредностите што нè држат заедно, разговараме, се смееме, споделуваме спомени и создаваме нови. Токму тие мигови се најголемото богатство, времето поминато со најблиските.
Верувам дека почитта, разбирањето и слогата треба да се негуваат не само за празници, туку во секој ден од годината. Велигден само нè потсетува колку е важно да бидеме заедно, да се почитуваме и да си даваме поддршка, затоа што семејството е темелот на сè.
ЖМ: Кој е вашиот омилен рецепт што го подготвувате секогаш за Велигден во домот, кој е задолжен за празничната трпеза во вашиот дом и што најчесто подготвувате со семејството?
- Како што спомнав, за Велигден сме кај родителите па делот од подготовките за празничната трпеза е во рацете на понежниот пол од нашето семејство.
Сепак, главната улога во трпезата ја има нашиот син Ведран, тој претходно се договора со неговите баби и дедовци што да се приготви.
Искрено, сѐ што доаѓа од нивните раце е превкусно и подготвено со многу љубов, а токму таа љубов му дава посебен вкус на секое јадење.
Немам еден конкретен омилен рецепт, затоа што за мене најубавиот „рецепт“ е кога целото семејство е заедно.
Се подготвуваат разни јадења, но најважно е што тие се споделуваат заедно.
Додека се подготвува храната, кујната е полна со разговори, смеа и топлина.
Секој помага колку што може, некој со подготовка, некој со сервирање, а некој едноставно со добро расположение.
За тоа, повторно главната улога ја има нашиот син Ведран.
Тие моменти создаваат спомени што траат многу подолго од самиот празник.
На крајот, не е најважно што има на трпезата, туку кој седи околу неа.
А кога семејството е заедно, секое јадење станува посебно.
Целосното празнично интервју со Ѓорѓиевски може да се прочита на Женски магазин.