„ПРАВДА ИМ ТРЕБА, НО И ВИЕ ДА ГИ ПОДДРЖИТЕ“: Глигорова со силна порака по вчерашниот протест на родителите на загинатите во Кочани
Не се мешај синко! Се докажа одвратното, нечовечко, нехумано, неграѓанско правило на ордата во овој град, судбински наречен „Град на солидарноста". Не се мешај синко, нивна работа, си имаш работичка, лепче, молчи си, трај си, сигурно родителите некоја партија ги води! А луѓето без крв во лице дојдени од друг град, најдобро запознаени со тоа дека не е само искрата виновна за смртта на децата, бараа подршка.
Со овие зборови се огласи активистката Ана Глигорова која потсети на бројните трагедии кои се случија во Македонија во изминатиов период, и во нејзин стил продолжи со критика кон граѓаните поради слабата излезеност и поддршка за родителите на загинатите деца од Кочани.
- Модуларна, Беса транс, Дурмо турс, Смилковско,... слаб одзив, слаба порака од народот до лоповските психопатски власти, без оглед кои се - СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, Вреди, Знам, ДУИ..
Онкологија и убиствата со умисла, физиолошки раствор наместо терапија, неколку протести и крај, со она-Не се мешај синко!
Со години во шатори во Жена парк протестираа стечајците, ограбени до гола кожа, никој не ги подржа. Луѓето (сенките) поминуваа покрај нив, им пречеа што се сместиле на зелената трева. Некои им се потсмеваа, а луѓето венеа и венеа. Не се мешај синко!
Со години протестираме против нечовечката наплата на долгови, криминално напумпани по 10, 20 пати, одзивот е - Не се мешај синко! - посочи таа на социјалните мрежи.
Но, не застана тука и додаде „Луѓето се виновни што млади луѓе пуштиле на концерт. Луѓето се виновни што лежеле болни од ковид. Луѓето се виновни што патувале со автобус. Луѓето се виновни што работеле во општествена фирма кога некоја локална битанга решила да им ги украде акциите и фрли на улица. Луѓето се виновни што некој решил да ги изгладнува со арач кој ни во најстрашните режими не е толку голем. Луѓето се виновни што добиле канцер, па што има да живеат уште некој месец, година, три, пет. Ќе им дадеме физиолошки раствор“.
- Не се мешај синко! е максима на ордата која никогаш не стигнала до братство, па камоли племе или државотворен народ. Се прашувам дали и своите родени деца ги сакаат, вистински. Не, психопатите никого не сакаат. Само власт. Видов на фотките и снимките некои искомпромитирани јавни личности од бивште власти кои се пикаат помеѓу родителите - борци за правда на сопственото мртво дете. Не ги гледајте нив, ни трошка важност не им давајте. Ни на пратениците од опозицијата кои излегоа пред Собрание. Не верувам во никој што во Македонија се бори за власт.
Погледите, мислите, душата да ви биде со онеправданите, оние кои најдобро знаат што се случувало и се случува во нивниот град, дувло на криминал и корупција. Знаат тие зошто дошле денес. Правда им треба, но и вие да ги подржите, о Скопјани скапани со паролата на пештерскиот човек - Не се мешај синко! - напиша Глигорова на Фејсбук.
Еве ја нејзината обава:
