Пратеникот Салиу: Не предизвикав ниту мал инцидент на граница
Пратеникот Абдула Салиу од Алијансата на Албанците, кој на враќање од Косово направил скандал на граничниот премин Блаце, излезе со реакција во јавноста дека граничната полиција не се однесувала професионално кон него како народен избраник и претставник на гласачите.
„Почитувани граѓани, членови, симпатизери и поддржувачи на коалицијата Алијансата и Алтернатива, се извинувам ако овие натписи направија да се чувствувате лошо, но ве уверувам дека не предизвикав ниту мал инцидент. Моето однесување можеби не им се допадна на граничните полицајци кои се обидоа да ме испровоцираат мене и моето семејство. Исто така, јас и моето семејство, и покрај притисокот на граничната полиција, не сме воопшто загрижени за заканите со парични казни и запирања, загрижувачки е злоупотребата на моќта што се обидува да ме извалка“, напиша меѓудругото Салиу.
Според полицискиот извештај, тој бил со семејството и сакал да помине побрзо бидејќи пред него имало голема колона на возила. Ја престигнал колоната возејќи покрај нив, па со висок тон им се обратил на полициските службеници барајќи да го пуштат.
Од МВР рекоа дека Салиу на полициските службеници им рекол: „Никаде не чекам ред, па нема ни тука да чекам“
Пратеникот самиот потврди дека побарал да помине побрзо оти имал дипломатски пасош, но тврди дека полицијата и царината биле дрски со него.
