Пратеникот Рашиди - политичар на денот, избега од „помирувањето“
Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците ја напушти координацијата кај претседателот на Собранието Талат Џафери на која се договора формирање на собраниско тело за помирување и интеграција.
- Не е јасно кој со кого треба да се помири. Се добива впечаток дека се работи за дневно политичка потреба или отворање на мала врата за амнестијата, рече Рашиди.
Тој додаде дека Алијансата на Села е за помирување, но околу стратешките цели на државата и за затворање на сите отворени внатрешни прашања.
- Ние сме сега во постапка на усогласување на уставните измени и таму ја гледаме вистинската смисла на координативното тело за помирување околу стратешките цели на државата, рече Рашиди.
Џафери денеска одржува координација со потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии што не се организирани во пратенички групи, со една точка на дневен ред – формирање „Интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција“.
