ПРАТЕНИКОТ МУРАТИ ГО КРИТИКУВАШЕ ГОВОРОТ НА ДОДИК ЗА СВЕТИ САВА: Стоилковиќ даде објаснување за настанот
Вицепремиерот и министер за политички систем Иван Стоилковиќ вели дека пратеникот Сали Мурати од Движење на Турците на Македонија за правда и демократија со прашањето „зошто бил поканет претседателот на Република Српска, Милорад Додик“, сака да го засени најзначајното што се случило на настанот по повод Свети Сава.
Мурати го праша Стоилковиќ зошто бил поканет Додик кој е под санкции од САД и Велика Британија и кому, рече, му се дало простор „за промоција на антиНАТО-ставови и да го негира геноцидот во Сребреница“.
Според министерот, Мурати фрлил сенка на она што било најважно таа вечер – заедничкото присуство на поглаварите на црквите на Србија и Македонија, патријархот Порфириј и архиепископот Стефан, што, рече, е „можеби најголемиот политички настан во поновата историја во односите помеѓу Македонија и Србија“.
Одговори дека Додик доаѓал во Македонија во изминатите десет години и „секогаш се обраќал на Академијата“ по повод денот на српската заедница и „секогаш имал средби со највисоките претставници на Македонија“.
Не се согласува со оценката на пратеникот Мурати дека помалите етнички заедници имаат недоверба во Министерството што тој го води бидејќи, рече, „првпат почнале да го чувствуваат за свое, вратите им се отворени и првпат ќе добијат средства од министерството“.
Премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за говорот на Додик ден по свечената академија, рече дека не очекувал „дека ќе го злоупотреби тој настан со испраќање такви пораки“.
