ПРАТЕНИКОТ МАРТИН КОСТОВСКИ ДО ОПОЗИЦИЈАТА - доволно е тешко, прекинете со ширење паника и страв
Пратеникот од СДСМ од Куманово, Мартин Костовски, ја повикува опозицијата, како што вели,. да се вразуми, и да престане со ширење паника и страв, како и со лажни вести и заговори.
„Секој ден по некој познат или непознат наш сограѓанин ја губи животната битка со одвратниот вирус. Од ден на ден се живее се потешко и потешко...
Дајте аман вмровци, левичари-десничари и останати “ценети опозиционери” вразумете се, па на крај краева имајте душа во вас...
Прекинете со ширење паника и страв, лажни вести и заговори, клевети и закани, фрлање камења по сите нас, кои искрено со последниот атом на енергија се бориме за спас на секој еден живот, спас на секое работно место, борба за набавка на вакцина час поскоро, за враќање на насмевката и животот во нормала.
На народот му е преку глава од политика, време е за одговорност“, пишува Мартин Костовски на својот фејсбук профил.
Ова следува откако вчера од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат кривични пријави против пратениците кои позитивни на корона облекоа скафандери и дојдоа да гласаат во Собранието.
Пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска, пак, најави дека таа ќе поднесе пријави против пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што како што вели, не си ја вршат својата работа.
