Пратеник од СДСМ вели дека власта спрема терен за враќање на Груевски, Филков му одговори
СДСМ обвинува дека Владата подготвува враќање и амнестија за поранешниот премиер Никола Груевски, а министерот Игор Филков им одговори да не ја „замајуваат“ јавноста.
Пратеникот од СДСМ, Миле Талески денеска на седницата за пратенички прашања во Собранието рече дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија.
Талески упати директно пратеничко прашање до министерот за правда Игор Филков – дали Министерството поднело ново, обновено барање за екстрадиција на поранешниот премиер.
Пратеникот на СДСМ тврдеше дека во јавноста интензивно се зборува за „тивка“ работа, со поддршка од лица на највисоки функции во Владата, со цел да се создаде клима за враќање на Груевски.
Филков избегна одговор со „да“ или „не“ велејќи дека Министерството за правда „си ги бара сите бегалци“, но дека опозицијата „говори за политички азиланти“.
„Ова министерство си ги бара сите бегалци. Што значи дека секојпат кога ќе бидат создадени услови, повторно и повторно Министерството за правда ќе си ги бара своите граѓани“, рече Филков.
Груевски во 2018 година избега од Македонија и доби азил во Унгарија. Таму живее со години. Повремено на социјалните мрежи ги коментира политичките случувања во Македонија.фото принтскрин
