РЕСТОРАНОТ САМО ЗА ПРАТЕНИЦИ: Се враќаат во познатата сала за седници, а новинарите во галерија
Од понеделник собраниските седници ќе се оддржуваат во салата „Македонија“, таа која беше вообичаено место за пленарни седници, а дозволата ја дал претседателот на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство, Жарко Караџовски. Пленарните седници ќе се одржуваат согласно одобрениот Протокол за одржување пленарни седници.
Оттаму додаваат дека акредитираните новинари ќе бидат сместени во Сала 3 – Прес центар и сала 4 на првиот кат на Собранието, со можност за движење преку една врата во холот меѓу салите.
-На акредитираните претставници на медиумите во Собранието на Република Северна Македонија ќе им биде дозволен влез во галеријата на сала „Македонија“ во ограничен број, односно вкупно 17 претставници на медиумите ќе може да ја следат седницата од галеријата и истите ќе може да седат на означените седишта во галеријата, почитувајќи соодветно растојание. Влезот во пленарната сала ќе биде дозволен за претставници на медиумите кои што ќе приложат доказ за извршена целосна имунизација, односно вакцинација против КОВИД – 19. Легитимирањето на новинарите ќе се врши соодветно како за пратениците и Вип гостите, велат од Собранието.
Во однос на прес – конференциите и изјавите за медиуми, истите ќе се одржуваат во „Кристална сала“ која што е опремена со 50 седишта за новинарите на соодветно растојание и подвижен микрофон, додека за камерманите ќе има означени места за поставување на камерите и помеѓу сите групи ќе има соодветно означено раздвојување.
Во Собранието, задолжително е носење на заштитна опрема која ги покрива устата и носот; на влезовите во Собранието останува обврската за примена на средство за дезинфекција и мерење на телесна температура.
Бифето меѓу Салите 3 и 4 ќе биде достапно за новинарите по принципот „за носење“. Ресторанот на Собранието лоциран во сутеренот, ќе биде отворен само за пратеници согласно Протоколот, додека Клубот за пратеници останува затворен.
