Пратениците на СДСМ ги оставија ВМРО-ДПМНЕ сами да си реплицираат
Во осмиот ден од продолжението на конститутивната седница сеуште нема никаков напредок, па уште помалку и идеја како да се деблокира работата на Собранието и да се премина на гласање за комисијата за избори и именување и за нов спикер.
По веќе виденото сценарио најголем дел од пратениците од СДСМ и коалицијата ја напуштија седницата поради како што рекоа узурпирањето на Собранието од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата остана лидерот на СДСМ Зоран Заев, Оливер Спасовски, Александар Кирацовски и Фросина Ременски.
По паузата ќе има второ продолжување на Собраниската расправа за комисијата за избори и именување која вообичаено ќе трае до 18 часот, а нема најави дали повторно ќе се побара дебата да трае цел ден додека не се исцрпат сите барања за збор.
