ЗАКОНИТЕ ЗА „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ГО ПОМИНАА ПРВИОТ СОБРАНИСКИ ФИЛТЕР - некои на работ на кворумот
Во Собранието денеска е изгласана потребата за носење сите осум предлог измени на Закони кои се носат по скратена постапка, а кои се поврзуваат со влегувањето на компанијата „Бехтел и Енка“ во земјава. Имено, оваа компанија потпиша договор со државата за изградба на коридорите 8 и 10 д, за кои според најавите на Владата ќе бидат потрошени 1,3 милијарди евра.
Од крајот на минатата недела во Собрание беа доставени неколку предлог закони за измени меѓу кои Законот за земјоделско земјиште, Законот за експропријација, Законот за урбанистичко планирање, Законот за минерални суровини, Законот за работни односи, Законот за шумите, Законот за градење како и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 д.
Според нашите сознанија Предлог-Законот за измени во Законот за експропријација беше изгласан со 55 пратеници ЗА, 5 против и 1 воздржан, вкупно присутни 61.
Притоа дознаваме дека пратеничката Маја Морачанин (ДОМ) гласаше против, но доколку таа излезеше од сала немаше да има кворум и овој закон немаше да се усвои на дневен ред.
Влегувањето на
компанијата „Бехтел и Енка“ во земјава предизвика бурни реакции во јавноста, од
самата најава за нивно доаѓање, од моментот кога се бараше работниците да работат 60 часа
неделно, предлог кој падна на Уставен.
Но, и со сегашните Закони, меѓу кои и Законот за работни односи, синдикатот предупредува дека ги кршат правата на работниците.
- Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес, да немаат слободен ден и да работат во недела - соопшти ССМ.
Претходно и партијата „Левица“ укажува на измените кои се планираат за Законот за експропријација.
- Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација е само еден од пакетот закони кои власта сака по секоја цена да ги донесе во понеделник на 112-та собраниска седница по скратена постапка. Овие предлог закони се поврзани со коридорите 8 и 10 Д и се во функција на незаконското работење на власта предводена од ДУИ.
Фактор во петокот објави дека по предлог на група пратеници од власта во Собранието е поднесен и предлог за измени на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање за имплементирање на стратешки партнер за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10д со што изведувачот Бехтел и Енка нема да треба да плаќа даноци и царински давачки.
„Со предлозите за измена и дополнување се овозможува поедноставување на прометот и ослободување од данок на додадена вредност и акциза на енергенти за прометот на добра и услуги кој е извршен кон Инвеститорот од страна на Стратешкиот партнер како и прометот кон Стратешкиот инвеститор за цели на проектот од овој закон“, се вели во предлогот.
