ПРАТЕНИЦИТЕ ДА ДОАЃААТ НА РАБОТА: Спикерот Џафери вели дека немаат мнозинство за да одржат седница
Немаме мнозинство за да одржиме седница, кажа собранискиот спикер Талат Џафери денеска на средба со новинарите. Тој не прецизираше кога ќе ја закаже новата седница. Причина за тоа е недоаѓање на сите пратеници од владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ на седниците поради коронакризата или други лични причини, проблемот во пратеничката група на ДУИ, како и противењето на опозициските партии да присуствуваат на седниците и да прават кворум. Последната седница на 16 месецов почна, но не беше изгласан дневниот ред поради немање кворум.
Џафери на денешната средба со новинарите, потврди дека ги добил известувањата од пратениците од ЛДП, Моника Зајкова и Боби Мојсоски, и од Павле Трајанов од ДС дека ќе делуваат независно од пратеничката група која ја предводи СДСМ. Тој вели дека нема најави или пак формално известување дека ќе се формира нова пратеничка група.
