Пратеници предложија измени на закон со кој ќе се затворат рудници?
Македонската асоцијација за рударство обвини дека пратеници од владејачкото мнозинство предложиле измени во Законот за минерални суровини, со кои велат практично ќе ги затворат трите рудници за олово и цинк, Саса, Злетово и Тораница.
Со измените се бара да не се користи цијанид во технолошкиот процес, што според претставниците на рударскиот сектор е вообичаена и дозволена постапка и во земјите од Европската Унија.
Македонската асоцијација за рударство бара од Собранието и од Владата да организираат широка јавна расправа, со учество на научната јавност, на која би бил разгледан предлогот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини по скратена постапка, поднесен од 10- тина пратеници од различни партии, кој е веќе во собраниска процедура.
Според рударската асоцијација со него неселективно се забранува користењето опасни супстанци, меѓу кои и на цијанидни соединенија. И покрај тоа што рудниците имаат „А“ и „Б“ интегрирани еколошки дозволи, со ова практично би се затвориле домашните рудници, велат од нивната асоцијација.
Со тоа се загрозува иднината на повеќе од 13.500 директно вработени во овој сектор.
