ПРАТЕНИЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ: Jавниот сервис ќе биде под контрола на СДСМ
За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ носењето закон со кој јавниот сервис ќе се финансира директно од буџетот е неприфатливо.
Ова денеска беше кажано во Собранието.
„Уште кога се носеше законот ние бевме против укинувањето на радиодифузната такса и категорично против финансирањето на МТВ со пари од буџетот. Со ваква одлука, јавниот сервис ќе биде под контрола на СДСМ. Од друга страна, и министерот Тевдовски се чудел како ќе најде пари за МТВ, за нејзиното функционирање и за платите на 864 вработени“,-рече пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот и координатор на СДСМ, Томислав Тунтев, вели дека реформи во МТВ ќе има и дека наскоро ќе бидат изгласани со пакет закони.
„МТВ долго време беше сервилен сервис на власта. Ние најавивме дека тоа ќе го стопираме, реформи мора да има. Овој извештај ќе го прифатиме, иако сме против, со цел да не ги запреме почнатите процеси. Граѓаните го очекуваат тоа од нас и ќе ги донесеме и законите исто како што ја укинавме радиодифузната такса“ - вели Тунтев.
Пратениците го усвоија финасискиот план за наредната и годишниот извештај за работа на МТВ во 2016.
Власта на СДСМ ја укина радиодифузната такса, како што вети во кампањата, но МРТ сега се соочува и со долгови кон ЕБУ.
