Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со писмо до евроамбасадорот Гир: Уставниот суд се партизира
Писмо со потписи од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е упатено до евроамбасадорот Дејвид Гир со барање да се заложи за зачувување на независноста на Уставниот суд. Како што велат од таму, владеачката СДСМ сака да ја партизира оваа судска инстанца со свој партиски кадар.
„Во Собранието во тек е постапка за избор на уставни судии, а намерата на власта е за уставни судии да бидат избрани истакнати партиски функционери на СДСМ, и тоа актуелната генерална секретарка на Собранието, Цветанка Ивановска и Васко Талевски, адвокат и до неодамна член на Извршниот одбор на СДСМ и актуелен член на Општинската организација на СДСМ-Битола.
ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период даде поддршка на сите закони од областа на правосудството со заедничка цел поддржана од ЕУ, ОБСЕ, и САД да се избираат лица со професионално искуство во правосудниот систем и лица кои дале научен придонес во областа на правото“, се вели во писмото..
Со евентуалниот избор на Иванова и Талевски за уставни судии, сметаат пратениците, ќе се изврши девалвација и партизација на Уставниот суд со што ќе се наруши независноста на овој орган кој ја штити уставноста и законитоста и врши контрола на законодавната и извршната власт.
Од таму велат дека Иванова нема никакво практично искуство во правосудството и дека е позната како долгогодишен пратеник од редовите на СДСМ, државен службеник во Општина Струмица во времето кога градоначалник бил премиерот Зоран Заев и актуелно политички именувана на позиција генерален секретар на Собранието.
„Во членот 111 од Уставот е утврдено дека функцијата судија во Уставен суд е неспоива со членување во политичка партија. Спротивно на ова, Иванова неодамна доби јавна благодарница од СДСМ за нејзиниот придонес во партиските структури, а Талевски беше член на ИО на СДСМ и на 29.01, 2021 јавно го ажурираше своето членство во СДСМ. Ова јасно покажува дека двајцата кандидати немаат професионален капацитет, не се истакнати правници за да бидат уставни судии, а нивниот активен партиски ангажман е спротивен на Уставот во делот на условите за избор во Уставен суд“, се додава во писмото упатено до Гир.

