Економија, финансии, бизнис

Контакт

Прашањето како Груевски избегал без пасош доби одговор?!

Прашањето како Груевски избегал без пасош доби одговор?!

Откако е соопштено дека ја напушил Македонија, и за него е распишана потерница, сите се прашуваат како Груевски дошол до Будимпешта без пасош.

Имено, екс премиерот кој одби да се јави на отслужување на правосилна двегодишна затворска казна во случајот за набавката на блиндираниот „мерцедес“, остана без пасош уште минатата година. По петдневната мистерија каде се наоѓа, дилемата ја разреши самиот Груевски кој се јави од Унгарија.

Прашањето кое се наметна е како дошол од таа земја ако нема пасош? Во врска со тоа, белградскиот весник „Политика“ дознава дека користел лажен пасош со кој преку ноќ ја преминал границата и илегално влегол во Тирана, каде го прифатиле вработените во амбасадата на Унгарија.

Потоа, со првиот утрински лет, со компанијата „Малев“, директно од Тирана слетал во Будимпешта од кде побара азил, пренесуваат српски медиуми.

Како што пишува весникот, Груевски се преправил, ставил наочари за сонце и шешир,а екипажот не знаел кој е тој, бидејќи ни шеширот ни наочарите не ги симнувал во текот на целиот лет.

Во моментот кога потерницата по него стапи на сила, околу 10 часот утрото, Груевски веќе бил во Будимпешта.

Втората верзија која пак ја пласираа унгарските медиуми вели дека Груевски најверојатно влегол во Унгарија со возило од Србија, најверојатно со помош на српските власти. Тоа секако било и со знаење на унгарските погранични служби, бидејќи малку е веројатно дека некој од рангот на Груевски би можел незабележано да ја мине границата на која и од двете страни се распоредени силни погранични полициски сили. Малку е веројатно и дека Груевски дошол во Унгарија без претходно знаење на унгарските власти, наведува „24.ху“.

Нема информации каде е тој во моментов. Се знае дека дошол во Будимпешта во петокот и преспал во хотел со пет ѕвездички. Канцеларијата на Орбан  ги демантираше информациите дека тој се сретнал со поранешниот македонски премиер во неговата вила во Будимпешта.

Канцеларијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан потврди дека Груевски поднел барање за азил во унгарската канцеларија за имиграции, барајќи бегалски статус.



Фото: Фејсбук профил Никола Груевски

Слично

Поврзани вести