ПРАШАЊЕ Е СЕГА: Ќе успеат ли јавните дебати за уставни измени да обезбедат двотретинско мнозинство ?
Последните две од вкупно пет јавни дебати ќе се одржат во текот на денешниот ден.
Штип и Тетово се градовите кои ќе ги удостојат премиерот Заев, судијката, Маргарита Цаца Николовска и универзитетскиот проф. д-р Ѓорѓи Спасов, но и вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, а експертски осврт ќе дадат универзитетските професори Беса Арифи и Блерим Река.
Тие се денешни учесници на дебатите кои се организирани од Владата за четирите нацрт-амандмани.
Прашањето кое се поставува е дали токму тие јавни дискусии ќе овозможат да се обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени кои ќе треба да добијат амин од пратениците.
Премиерот по ова прашање е оптимист и токму тоа и го порача од дводневната работна посета на Португалија и учеството на Конгресот на ПЕС.
-Преку еден интерактивен процес во самиот Парламент, верувам дека ќе се соберат сили да се обезбеди двотретинско мнозинство како што се обезбеди на самиот почеток, за да се отворат уставните промени-кажа Заев додавајќи дека јавната дебата во Парламентот е многу конструктивна, квалитетна и Парламентот ќе изнајде начин како да собере сила и да ја гарантира иднината на Република Македонија.
