Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРАКТИЧНА НАСТАВА: Во скопско училиште идните ветеринари имаат своја зоолошка градина и нива за храна на животните

ПРАКТИЧНА НАСТАВА: Во скопско училиште идните ветеринари имаат своја зоолошка градина и нива за храна на животните

Во скопското стручно училиште „Браќа Миладиновци“ постои мала зоолошка градина во која учениците кои учат за квалификацијата ветеринарен техничар ја реализираат практичната обука. За да опстои зоолошката градина, храната за животните се обезбедува од сопствено производство. Училиштето има земјиште под концесија, а на нивата се одгледуваат јачмен и пченица. На ваков начин, низ практично учење, учениците стекнуваат квалификација техничар за фармерско производство и техничар за агроменаџмент. Техничарите за хортикултура, пак, својата практична обука ја реализираат во стаклената градина во училиштето кое произведува најразлични видови цвеќиња.

Во стручното училиште „Кочо Рацин“ пак, има современи машини за шиење и салон за кроење за да можат учениците од текстилниот сектор практично да ги применат теоретските знаења и да ги оживеат своите креации.

Ова е се убави примери како треба да се одвива практичната настава, а познавачите велат дека ова е и клучно за вистинско обарзување на учениците, кои потоа подготвени ќе влезат на работните места.

Наташа Јаневска, самостоен советник во Стопанската комора вели дека според податоците, не само кај нас, туку и во земјите-членки на ЕУ, компаниите за 50 отсто од сите работни места бараат квалификуван кадар со средно ниво на квалификации.

„Тоа може да се обезбеди само преку квалитетна практична обука во компаниите . Учениците во компаниите, покрај практичните вештини, стекнуваат и трансверзални вештини кои се многу важни за работните процеси и на кои посочуваат и работодавачите. Низ практична обука во компанија тие стекнуваат вештини, како: одговорност, посветеност, точност, критичност, почитување на работното време, тимска работа, комуникација со претпоставени, примена на мерките за безбедност и заштита при работењето и комуникација со клиенти. Кога се мисли за комуникација со клиенти честопати квалитетот на една компанија зависи од повратните информации на клиентите, а не само од инспекцискиот надзор и контролата на испораката, вели Јаневска.


Во земјава, според податоци од Центарот за стручно образование и обука, во четиригодишното техничко стручно образование, во процесот на реализацијата на практичната обука се вклучени 887 компании во кои практична обука реализираат 8.876 ученици од вкупно 37.140 запишани ученици. Останатите 28.264 ученици, практичната обука ја реализираат во училиштето, без можност да одат кај работодавач .

„Податоците не ни ја даваат убавата слика за која мечтаеме. Повеќе од очигледно е дека, ако бизнис заедницата сака стручен и квалификуван кадар, мора да ги отвори вратите на своите компании и да овозможи учениците квалитетно да ја реализираат практичната обука, заклучува Јаневска.

Во тригодишното стручно образование за занимања , во процесот на реализацијата на практичната обука, вклучени се 453 компании во кои практична обука реализираат 1.856 ученици од вкупно 2.815 запишани ученици, додека останатите ја реализираат во училиштето.

А.Т.


Слично

Поврзани вести