Познавањето на македонскиот јазик е услов, има договор за Законот за државјанства
Има договор за Законот за државјанство.
Власта заедно со Алтернатива и Алијанса за Албанците постигнаа конечен договор за Законот за државјанство. Закoнското решение ќе влезе во собраниска процедура идната недела. Одбиено е барањето македонско државјанство да се добива и само со познавање на албански јазик, затоа што тоа е противуставно.
„Тој што аплицира може да стане државјанин, но може и да не стане државјанин. Како државјанин користи македонски јазик, но може и албански јазик. Од 2003 година наваму само шест лица се одбиени поради непознавање на македонскиот јазик. Албанскиот јазик е официјален јазик на соседна земја. Кога доаѓаат да аплицираат граѓани од разни земји, од Косово, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и од други, сите мора да бидат според Уставот еднакви пред властите на оваа земја. Стручната експертиза утврди што е во тој предлог закон уставно, а што не е", рече Заев.
Македонско државјанство ќе добијат оние кои од 90-тите години на минатиот век живеат овде, но не биле нејзини државјани. Постојаното живеалиште тука ќе треба да го докажат со неколку документи, како што се на пример свидетелства за завршено училиште.
Претходно, двете партии го блокираа Собранието со барање да се реши статусот на луѓето кои долго време живеат овде, а немаат државјанство.
