Познато кој го фотографираше Груевски во Будимпешта
Унгарски „Индекс“ го најде изворот на оригиналната фотографија од вчерашната прошетка на поранешниот македонски премиер Никола Груевски низ улиците на Будимпешта. Ова е прва фотографија од екс-претседателот на македонската влада по неговото бегство и добивањето азил во Унгарија пред отслужување на двегодишната затворска казна.
Британски новинар Даниел Нолан го фотографирал Груевски во близина на култна пивница во унгарската престолнина. За жал, фотографијата не е доволно остра да се каже со апсолутна сигурност дека тој е навистина поранешниот македонски премиер.
- Го фатив жив! Пребеганиот екс-македонски премиер забележан во Будимпешта - напиша британскиот новинар заедно со објавената фотографија на Твитер.
Истата масовно се споделуваше синоќа на социјалните мрежи во Македонија, со дилема дали тоа навистина е Груевски, а најинтересни беа коментарите дека според стилот на облекување кадарот е автентичен.

