Познато кога ќе бидат уништени „бомбите“ на Заев
Необјавените „бомби“ кои актуелниот премиер Зоран Заев ги прибави против поранешната власт ќе се чуваат уште една година по правосилното завршување на сите постапки што се водат за кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на коминикациите а потоа ќе бидат уништени со записници доставени до државниот јавен обвинител.
Ова го пишува во една од одредбите во предложеното законско решение со кое Специјалното јавно обвинителство ќе треба да ја продолжи својата работа и да го обезбеди својот постојан статус со обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието, дознава Дојче Веле.
„Обвиненијата покренати по 30 јуни 2017 година и истражните постапки што ги спроведува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до стапувањето во сила на овој закон продолжува да ги спроведува Специјалното јавно обвинителство“, се вели во предложеното законско решение.
Инаку со новото законско решение „Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“ ќе се преименува само во „Специјално јавно обвинителство“
Ќе биде надлежно за: кривични дела против изборите, перење пари, злоупотреба на службената положба и овластување, проневера во службата, измама во службата, примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание, противправно стекнување и прикривање имот, измама при работењето со хартии од вредност и удели, злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, спречување, ограничување, нарушување на конкуренција или злоупотреба на овластување во стопанството извршени од избрани или именувани функционери во државни органи, единици на локалната самоуправа и одговорни лица во политички партии.
