Познати кои институции први ќе ги постават табите со новото уставно име
Владата на РМ, Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана и националното Собрание ќе бидат првите четири институции кои ќе ги заменат старите натписни табли со нови на кои ќе го пишува уставното име „Република Северна Македонија“, дознава Телма.
Денеска владата објави дека за една до две недели ќе започне менувањето на официјалните државни табли со новото уставно име на Македонија, откако вчера грчкиот парамент го ратификуваше пристапниот Протокол за прием на земјата во НАТО.
„Со одлуките поврзани со имплементацијата на одредбите од Преспанскиот Договор се предвидува сет од мерки и активности што треба да ги преземе Владата на РМ, како и сите други органи на државната управа и сите државни институции, а кои произлегуваат од усвоените амандмани на Уставот на Република Македонија и кои ќе стапат на сила 7 дена по влегувањето во сила, односно веднаш после ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Република Грција, и кои ја регулираат употребата на новото уставно име согласно амандманите“, се наведува во соопштението.
