Позната агендата на четирите политички „ѕверки“ во следните денови во Македонија
Во рок од само два дена, односно в понеделник и втроник, Македонија ќе ја посетат четири крупни политички ѕверки во пресрет на референдумот на 30 септември.
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис в понеделник ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за референдумот за прифање на Спогодбата од Преспа, но исто така и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.
"Одам во посета на нашите пријатели во Македонија и јасно ќе им кажам дека САД ги поддржуваат граѓаните на Македонија", изјави првиот човек на Пентагон.
На 17 и 18 септември, европскиот комесар за проширување Јоханес Хан ќе престојува во Скопје. Посетата на Хан на Македонија доаѓа како дел од настаните "Медиумски денови на Западен Балкан". Претходно тој рече дека референдумот ќе ја олесни интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ, што ќе создаде нови можности за вработување.
"Идејата е да се создаде нешто повеќе, ако има европска перспектива, тоа ќе ги привлече меѓународните компании, кои ќе отворат работни места, ако има повеќе индустрии во земјата, тоа ќе влијае на малите и средни претпријатија, бидејќи тие имаат функцијата на снабдувачи, сè заедно е стимули за економијата. Ако економијата е меѓународно ориентирана тоа влијае на квалитетот на владеењето на правото, независноста на судството и на крајот мислам дека тоа е нешто што на луѓето им е потребно ", вели Хан.
Во понеделникот ќе дојде министерката за одбрана на Италија, Елизабета Трента. За време на посетата ќе се одржи средба со македонската министерка за одбрана Радмила Шеќеринска, која ќе биде проследена со прес-конференција.
На 18 септември во вторник ќе дојде германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас. Шефот на германската дипломатија ќе се состане со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
