Познат урбанистичкиот план за новата индустриска зона „Билото“
Општина Гевгелија денеска го презентираше Предлог урбанистичкиот план за новата индустриска зона „Билото“ каде по донесувањето на документацијата ќе се создадат услови за нејзина реализација, односно за продажба на парцелите.
Индустриската зона ќе биде лоцирана во близина на населеното место Прдејци на површина од 92,24 хектари предвидена за изградба на економски објекти кои ќе овозможат најмалку 500 нови работни места.
Инфраструктурното уредување на зоната ќе биде обврска на општината поради што инвеститорите при изградбата на производните капацитети ќе бидат ослободени од плаќање надоместок за уредување на градежно земјиште. Наредните десет дена ќе трае јавната анкета по Предлог урбанистичкиот план за индустриската зона која досегашниот и новоизбран градоначалник Иван Франгов ја вклучи во листата на десетте најприоритетни проекти за општина Гевгелија.
