Познат производител на апарати за домаќинство затвора фабрика: 600 работници ќе останат без работа
Шведскиот гигант за апарати за домаќинство „Електролукс“ соопшти дека ќе ја затвори фабриката за ладилници во унгарскиот град Јасберењ, поради слаба побарувачка и зголемени трошоци.
Одлуката значи дека околу 600 вработени ќе останат без работа, а производството ќе престане најдоцна до крајот на годината.
Од компанијата информираат дека одлуката е донесена по детална анализа на работењето, со цел да се подобри трошковната конкурентност.
– Затворањето е резултат на стагнација на побарувачката, притисок врз цените и зголемени трошоци за производство – соопштија од „Електролукс“.
Трошоците за реструктурирање се проценуваат на околу 600 милиони шведски круни (околу 65 милиони долари), кои ќе бидат евидентирани во вториот квартал како еднократен расход што ќе влијае врз оперативната добивка во регионите Европа, Блискиот Исток и Африка, како и Азија и Пацифик.
Околу половина од оваа сума ќе биде исплатена во готовина.
Компанијата најавува дека во иднина побарувачката за ладилници ќе ја покрива преку други производствени капацитети и соработка со надворешни партнери.
Од „Електролукс“ посочуваат дека затворањето на фабриката нема да влијае врз продажните и маркетиншките активности на компанијата во Будимпешта.
Пословни.хр