Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПОЗНАТ Е СОСТАВОТ НА СОВЕТИТЕ: Ќе има глатки 4 години или нешто може да ги помати сметките?

ПОЗНАТ Е СОСТАВОТ НА СОВЕТИТЕ: Ќе има глатки 4 години или нешто може да ги помати сметките?

Во повеќето македонски општини сликата е јасна, исцртани се контурите на коалициите во советите. Во многу општини во советите доминира ВМРО-ДПМНЕ. Во дел од советите влез си обезбедија советниците на ЗНАМ, Левица, Коалицијата „Искуство за успех“, некоја од помалите партии или независните.

Оние кои веќе биле советници, велат дека го виделе составот и сметаат дека функционирањето ќе оди глатко.

„Сега, но и претходно ВМРО-ДПМНЕ имаше мнозинство во Кавадарци. Оваа година е со плус 2 советници, значи има 12 советници. Единството на една партија за изборите е многу битно. Со тоа се олеснува многу работата на градоначалникот. Ако има проекти, било што за да помине на совет е потребно мнозинство. Но, од друга страна е добро да има опозиција, независни, затоа што секоја критика е добредојдена. Сето тоа придонесува за подобро функционирање. Треба да прифаќаме критика за да се подобриме. Секое мислење е добредојдено. Нашиот градоначалник го смени градот целосно, чистота, улици, се инвестира многу. Во повеќе наврати претходно опозицијата многу работи не ги гласаше. На пример, не го гласаа буџетот. Материјалите за седница ги добивавме 5-6 дена однапред, советниците имаат време да ги разгледаат.  Партиите треба да бираат луѓе кои се речити, кои се докажани во општеството, да ги има од секоја сфера на занимање. Ако сака советникот да работи, има начини, посебно ако го имате мнозинството“, вели Александра Кароловска, поранешна советничка во Советот на Општина Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ.

Советниците треба да не ги заборават ветувањата кои ги дале во кампањата и ако на терен увиделе дека луѓето имаат одреден проблем, во координација со директорите на јавните претпријатија и другите институции можат да помогнат за решавање.

Советот на Општина Дојран го сочинуваат 9 советници. Исходот од гласањето е дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се изедначени со по 4 советнички мандати, а советник освои и ЗНАМ на Максим Димитриевски.

„Нема чиста ситуација во Дојран. Има еден советник од ЗНАМ, а ВМРО и СДСМ се изедначени. Сѐ зависи од изборот на градоначалник, а после вториот круг ќе има појасна слика“, објаснува Ратко Ајцев, кој беше претседател на Советот на Општина Дојран.

ВМРО-ДПМНЕ има освоени 550 места во општински совети. СДСМ има 230 советнички места на овие избори.

Во првиот круг 44 општини добија градоначалници, а на 2 ноември ќе се одржи вториот круг од локалните избори. 

Инаку, во минатото се случувало некој од општинските советници по извесно време од една да премине во друга коалиција или да реши да делува како независен. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести